Вести

Ангел Димитров: Гоце Делчев е само почеток на големите спорови

Застојот во заедничката историска комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија не е впечаток, туку е факт, а последните две средби биле сосема непродуктивни, вели проф. Ангел Димитров – претседател на бугарскиот дел од комисијата, во интервју на бугарската „БНТ1“.

„Сум рекол и претходно, нашите колеги од Скопје уште од почетокот не беа подготвени за брзи корекции во интерпретацијата на минатото во македонската историографија. Но, во последните две наши средби забележавме едно многу очигледно утврдување на нивните позиции и почнуваме да се прашуваме до кој степен нашите колеги го разбираат духот на Договорот за пријателство и добрососедство и до кој степен се подготвени да работат на неговото исполнување“, рече Димитров.

Loading...

Прашан дали комисијата заглавила на старите или на новите теми, Димитров одговара:

„Напредокот може да биде оценуван на два начина. Тоа што го постигнавме по однос на средновековјето – или поконкретно: оценката за Цар Самоил како бугарски владетел, како владетел на Бугарија, за општо чествување на Св. Климент и Св. Наум, значењето кое беше дадено на 24 мај како типично бугарски национален празник, улогата на бугарските во 9.и 10. век за развојот не само на бугарската држава туку и на културата во југоисточна Европа и во словенскиот свет – е голем чекор напред. Но е многу далеку од посакуваното и возможното. Да бидеме сосема конкретни, треба да кажеме дека и покрај тие заеднички позиции околу личностите, сѐ уште не сме завршиле, сѐ уште не е кажан последниот збор околу напишаното во учебниците кои го интерпретираат средновековјето. Таму сѐ уште има што да се каже и тоа не беше направено на последните две средби.

Големиот спор почнува кога навлегуваме во модерната ера, од 19. век па наваму. И сѐ разбира, сѐ беше фокусирано во личноста на Гоце Делчев. Гоце Делчев е амблем, фигура и личност која е симбол на ослободителното движење“.

Димитров додава Делчев бил воодушевен од примерот на Васил Левски, кој му бил револуционерен идол, и затоа, не случајно во главите на бугарскиот народ Делчев е близу до неговиот пример. Но македонските колеги, тврди историчарот, не сакале тоа да го разберат, не затоа што е проблемот конкретно во врската Делчев – Левски, туку затоа што тие не сакале да се разгледува Гоце Делчев како историска личност во рамките на неговото историско време:

„Нивната желба е да зборуваме и да го поставиме акцентот на односот во Република Северна Македонија кон Гоце Делчев, кој е формиран по разни основи, политички и идеолошки, далеку подоцна. Разбирате ли, тоа веќе не е ни проблем со кој треба да се занимава историјата“, вели претседателот на бугарскиот дел од комисијата.

Одговарајќи на прашањето дали Гоце Делчев е основниот проблем, Димитров вели дека неговата личност е само почеток на големите спорови („во интерпретацијата на минатото“, додава тој повторно, алудирајќи дека од бугарска перспектива не се спорни историските факти, туку како се толкувани во Македонија):

„Нашите колеги, уште од првата средба па досега, избегнуваат да зборуваме за Илинденското востание, односно Илинденско-преображенското востание. Тоа е настан што секоја година се одбележува и би било прекрасен знак за заедничката историја доколку се одбележува заеднички и да се одбележува со почит во двете држави, без едната да го присвојува, како што прават нашите колеги и пријатели во Скопје“.

Димитров вели дека овие суштински несогласувања не (треба да) се изненадување за никого, особено за бугарските историчари. Прашан дали комисијата добила претешка задача, тој одговара дека историчарите се должни да водат научни дискусии со цел да се стигне до вистината, но дека тоа досега не се правело затоа што македонските историчари ги избегнувале „тркалезните маси“ и таквите контакти со бугарските колеги. Сега за првпат се седи на масата и се водат отворени, сериозни, научни, и напнати, но сепак дискусии.

Димитров се согласи со констатацијата на новинарката дека комисијата не е само историска, туку има важен политички контекст, што е и причина за нејзиното постоење, кое директно произлегува од Договорот за добрососедство, но рече и дека токму и по тоа прашање имале несогласување со македонските колеги. Според него, тие не го разбираат тоа и не ја делат желбата на бугарската страна комисијата да работи во еден постегнат ритам, со почести средби, пообемна претходна подготовка и поголема одговорност. Понекогаш таквите инсистирања од бугарска страна македонските историчари ги оценуваат како политички притисок, што, се разбира, не е така, тврди Димитров.

Ние очекуваме нашите колеги да пројават повеќе одговорност, не само професионална, туку и граѓанска, токму поради политичкиот контекст на нашата работа“, вели тој.

Димитров не мисли дека пречките на сопнување биле поставени во самиот Договор за добрососедство:

„И во самиот Договор јасно е кажано дека има заедничка историја и дека принциопот на работа треба да биде строго научен, да се базира на историските извори, односно анализата да биде целосно професионална. Така што, дури и во самиот Договор јасно се кажани нештата, во правилата за работа кои беа претставени на првата средба исто така сѐ е доста јасно кажано, со една единствена моја лична поплака – што таму стои дека комисијата треба да има НАЈМАЛКУ шест средби годишно, а нашите колеги се упорни дека не можат да бидат повеќе од шест. Но тоа не е проблемот, проблемот е во ставот на нашите колеги“.

Средбата на бугарскиот државен врв Димитров ја оцени како еден вид признание за сработеното на бугарскиот дел од историската комисија, но пред сѐ како јасна порака до Северна Македонија дека поддршката Бугарија нема да ја даде на сопствена штета. Тој посочи дека на средбата само се „пеглале“ ставовите за да се добие една цврста, едногласна позиција, базирана на меѓусебните односи на двете земји и досегашниот степен на исполнување на Договорот за добрососедство, од кои работата на заедничката комисија е само еден елемент. Со други зборови, следната средба на комисијата, на 15 и 16. октомври, нема да повлијае на тоа дали Бугарија ќе даде или нема да даде зелено светло заедно со другите земји членки ден подоцна, но ќе биде обид бугарските историчари да им докажеле на македонските колеги дека досегашното сработено не треба да остане бесмислено, односно да продолжи работата на комисијата.

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close